Австралиската канцеларија за емиграција и заштита на границите направила тежок гаф и по грешка објавила лични податоци за 31 светски лидер кои учествувале на самитот G20, одржан во Австралија кон крајот на 2014 година. За да биде пропустот уште поголем, со слободна проценка одлучиле за ова да не ги известат светските лидери кои биле засегнати со ова прашање.
Личните податоци, на светските лидери на последниот самит G20 одржан во Австралија, се откриени по човечка грешка, а меѓу откриените податоци на светските лидери се и најмоќните – Barack Obama, Vladimir Putin, Angela Merkel, David Cameron, Xi Jinpeng и Shinzo Abe.
Вработен во споменатата канцеларија по грешка ги пратил податоците, број на пасош, детали за Visa картички и многу други лични податоци од приватна природа, на организаторите на фудбалскиот турнир Азијски куп. За сето ова е известена австралиската комесарка за приватност, од која е побаран итен совет како да се пристапи понатаму за проблемот.
“Личните податоци кои протекле се име и презиме, датум и година на раѓање, број на пасош, националност, титула, број на Visa картичка и Visa subclass, кои се поврзани со 31 меѓународен лидер”, рекла за Guardian комесарката за приватност.
“Причина за протекување на податоците е човечка грешка. Дотичната личност не проверила дали опцијата за автоматско пополнување во Microsoft Outlook внесла точна мејл адреса во полето кое означува на кого му праќа порака. Тоа резултирало со тоа што мејлот е пратен на погрешно лице”, рекла комесарката.
“Со оглед дека ризикот за протекување на тие информации е мал и се превземени мерки да се прекине понатамошна дистрибуција, сметав дека нема потреба да се известат клиентите чии податоци протекоа”, заклучила комесарката.
“Тоа е уште еден сериозен гаф на неспособната влада”, изјавила Sarah Hanson-Young, сенаторка на опозициските Зелени во австралискиот парламент.
Реакциите од светските лидери треба допрва да се очекуваат.
{loadposition content9}