Skip to main content

Нобелова за физика за тројца научници за истражување на светот на електроните

„Нивните експерименти му дадоа на човештвото нови алатки за истражување на светот на електроните во атомите и молекулите“-објави Кралската шведска академија на науките.
 |  инфодеск  | 
нобелова-физика

Пјер Агостини, Ференц Краус и Ен Л’Хилие ја добија Нобеловата награда за физика за 2023. Тие ја добија наградата за „експериментални методи кои генерираат атосекундни пулсирања на светлина за проучување на динамиката на електроните во материјата“, објави Нобеловиот Комитет.

„Експериментите на лауреатите произведоа пулсирања на светлина толку кратки што се мерат во атосекунди, што покажува дека овие импулси може да се користат за да се добијат слики од процеси во атомите и молекулите“, објави Кралската шведска академија на науките.

„Нивните експерименти му дадоа на човештвото нови алатки за истражување на светот на електроните во атомите и молекулите“.- соопштија од Комитетот.
Пјер Агостини е од Државниот универзитет во Охајо, Ференц Краус е од Институтот за квантна оптика Макс Планк и Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен, а Ана Л’Хуилје е од Универзитетот Лунд во Шведска.

Ана Л’Хуилје е само петтата жена што ја добила Нобеловата награда за физика.

Наградата, која беше објавена денеска во Стокхолм, е втора Нобелова награда која се доделува оваа сезона, по наградата за медицина доделена еден ден претходно. Наградата во медицината ја добија американските државјани со унгарско потекло, Каталин Карико и Дру Вајсман, за нивната револуционерна технологија што го отвори патот за вакцини против КОВИД-19.

Во среда, четврток и петок во Стокхолм ќе бидат доделени наградите за хемија, литература и мир. Наградата за економија ќе биде објавена на 9 октомври.

Лауреатите ќе ги добијат наградите на главната церемонија на 10 декември, годишнината од смртта на Нобел.
Нобеловите награди се востановени по волја на шведскиот пронаоѓач и филантроп Алфред Нобел во 1895 година. Наградата за економија, основана во 1968 година, е единствената Нобелова награда што не беше вклучена во оригиналниот тестамент.