Ако се верува на последните гласини кои се појавија на интернет, наскоро започнува производството на новиот фаблет на Samsung од серијата Note, додека неговото официјално претставување може да се очекува на почетокот од август. Samsung моделите Note ги претставуваше на саемот во Берлин кон крајот на август или почетокот на септември, но откако беше претставен iPhone со голем екран, во Samsung одлучиле овој пат тоа да го направат порано. Она што е посебно интересно е дека Samsung со овој модел прескокнува еден број па така по минатогодишното претставување на Note 5, наскоро би требало да се претстави Note 7 за да има иста бројка како овогодинешните модели од серијата Galaxy S, Galaxy S7 и S7 Edge.
Galaxy Note 7 би требало да има екран со дијагонала од 5,8 инчи со резолуција 1440х2560 пиксели кој ќе биде заоблен од двете страни. Информациите за процесорот не се познати, но се очекува последната верзија на најмоќниот Sanpdragon на Qualcomm или Exynos на Samsung. Ќе има минимум 4GB RAM и камера слична на онаа во Galaxy S моделите, а секако и последна верзија на Android.
Во оваа компанија можат да бидат задоволни со побарувачката на Galaxy S7 и S7 Edge и веруваат дека новиот модел на Note ќе привлече голем број на корисници така што за почеток на продажбата се планираат 5 милиони парчиња од овој фаблет.