По смртта на кралицата Елизабета, Велика Британија доби нов крал, Чарлс Трети.
Веројатно ќе биде крунисан за една година – изјави Кејт Вилијамс, професорка по историја на Универзитетот во Рединг, Англија и авторка на „Млада Елизабета: Создавањето на кралицата“, за магазинот „Пипл“.
Церемонијата на крунисување обично се чека една година бидејќи се смета дека е несоодветно да се одржи крунисување веднаш по смртта на претходниот монарх. Тоа е долг период на жалост – вели Вилијамс.
Таа се осврна и на претходните тврдења дека Чарлс ќе абдицира во корист на Вилијам.
Тој го чека ова целиот свој живот и сигурен е дека добро ќе си ја врши својата должност – додава историчарката.
Британскиот крал Чарлс Трети денеска ќе ѝ се обрати на нацијата по смртта на мајка му, кралицата Елизабета Втора, на 96-годишна возраст.
Чарлс Трети, кој побрза да биде со кралицата пред да умре во нејзиниот шкотски дом вчера, отпатува назад во Лондон со сопругата Камила пред да се сретне со премиерот и да ѝ се обрати на нацијата.
Сочувството од целиот свет продолжува да стигнува до кралот и кралското семејство поради смртта на Елизабета Втора, монархот со најдолг стаж во Британија. Таа на светската сцена беше присутна седум децении.
Во Лондон илјадници луѓе се собраа пред Бакингемската палата, а веста за смртта на кралицата беше дочекана со молк додека знамето беше спуштено на половина копје.
Чарлс трети, кој автоматски стана крал на Обединетото Кралство и владетел на 14 други земји на Комонвелтот, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Нов Зеланд, рече дека смртта е момент на голема тага за него и неговото семејство.
Новиот крал треба да се сретне со премиерката Лиз Трас пред да ѝ се обрати на нацијата, пренесе „Индекс.хр“.