„Њујорк Тајмс“: Извештај за САД како „прибежиште на нацисти“
Во извештајот се наведуваат успеси и неуспеси на правници, историчари и истражители на Канцеларијата за специјални истраги во Секретаријатот, формирана во 1979 година за да депортира нацисти.
Најголема осуда предизвикуваат делови од извештајот во кој се откриени врски на ЦИА со нацистички емигранти. Извештајот наведува дека ОСИ дознале дека на некои нацисти им бил гарантиран влез во САД иако официјални владини лица знаеле за нивното минато.
Америка која се гордее со тоа што е прибежиште на прогонети, стана, во извесна мерка, и прибежиште за прогонувачи, се вели во извештајот. Некои може да видат соработка на владата со прогонувачите како на договор, други ќе ја видат како разумен морален компромис, роден поради потреба, се додава во извештајот.
Бројот на нацисти кои влегле во САД е помал од 10.000 и од создавањето на ОСИ повеќе од 300 нацисти се депортирани.
Меѓу нацистите кои добиле помош од американските власти е Ото фон Болшвинг, помошник на Адолф Ајхман, кој помагал во почетниот план за „чистење на Германија од Евреите“, а подоцна во САД работел за ЦИА. Умрел истата година кога Секретаријатот побарал негова депортација.
Се споменува и Артур Рудолф, нацистички научник кој е пренесен во САД заради стручност во ракетна програма, како дел од операција за регрутирање научници кои работеле за нацистите. Рудолф подоцна добил признание од НАСА како татко на ракетата Сатурн која на Американците им овозможила лет на Месечината. Тој е депортиран во 1984 година во Германија со противење на разузнавачки официјални лица.
Во деловите избришани од извештајот се вели дека Секретаријатот за правда во 1997 година открил „дефинитивен доказ“ дека Швајцарија откупила злато од нацистите кое било одземено од еврејските жртви на холокаустот.
Избришан е и делот кој зборува за низа состаноци на официјални лица од САД во 2000 година со официјални лица од Летонија за да се изврши притисок врз нив да прогонат осомничени нацисти.
Избришани се и детали како што е дека директорот на ОСИ во своја фиока држел скалп за кој се верува оти бил на Јозеф Менгеле. Во делот за најголеми неуспеси, се наведува случајот на Џон Демјанук, пензиониран работник кој погрешно е идентификуван како „Иван Грозни“, некогашен чувар во логорот Треблинка.
{loadposition content9}