Инцидентот на аеродромот во Варшава кога при слетување на авион на Lufthansa малку требаше да има судир со беспилотно летало, не е изолиран случај па затоа експерти за воздухопловна безбедност веќе подолго време предупредуваат на големи проблеми кои дроновите им ги создаваат на авионите. До сега, за среќа не е забележан судир на авион со вакви летала, но ако нешто не се превземе, само е прашање на време кога тоа и ќе се случи. Исто така, треба да се напомене и на неодамнешната ситуација од Калифорнија кога канадери и хеликоптери морале да напуштат опожарено подрачје поради тоа што на тоа место летале дронови, а тие продолжиле со гасење на пожарите дури тогаш кога дроновите биле приземјени.
Проблеми со дронови имале и авиони при слетување на еден од најпрометните аеродроми во светот, Хитроу во Лондон, па така во Велика Британија се забележани шест блиски средби на патнички авиони со летала кои биле управувани од луѓе на земја, при што во еден случај авионот поминал на само шест метри од дронот.
За да се воведе малку ред во овој сегмент, британските воздухопловни власти (CAA) објавија нови правила за сопствениците на вакви летала, таканаречени “dronecode”, а на оние кои нема да ги почитуваат им се закануваат затворски казни од дури пет години. Спрема тие правила, сопствениците на овие летала ќе мораат секогаш да ги имаат во видокруг своите дронови, да ги држат најмалу 50 метри подалеку од луѓе, возила и згради, односно не смеат да се приближат поблиску од 150 метри на случувања каде има голем број на луѓе. Но, прашање е дали луѓето ќе се придржуваат на овие правила, бидејќи многумина не разбираат каква опасност претставуваат овие летала.
Некои експерти предупредуваат и на сценарија во кои ваквите летала би можеле да носат експолозив со кој би се нападнале авиони, аеродроми, места на јавни собири па дури и атентат – пример е дронот кој падна во дворот на Белата куќа кој предизвика паника меѓу безбедносните служби на Обама. Но, иако се покажало дека леталото тука паднало сосем случајно, прашање е што ако истото носеше со себе бомба.
Поради сите овие примери, сопствениците на вакви летала треба да се стопираат додека не стане предоцна, а решението се наоѓа во носење на законска регулатива, но и едукација на корисниците. Еден од чекорите веќе го направија производителите и сѐ повеќе нивни уреди имаат опција geo-fencing, односно софтвер кој им забранува превисоко летање и приод до одредени подрачја и зони како што се аеродромите и други стратешки објекти.