Петте патници во исчезнатата подморница „Титан“ се мртви. Робот-нуркач ги пронашол остатоците од подморницата „Титан“, а сѐ укажува на тоа дека дошло до нејзина имплозија, изјави шефот на американската крајбрежна стража, Џон Мауџер.
На семејствата на петмината патници во „Титан“ сочувство им упати и фирмата „ОушнГејт”, која ја организираше експедицијата, а чиј коосоновач и извршен директор Стоктон Раш е исто така меѓу загинатите. Дел од екипажот беа и британскиот бизнисмен и авантурист Хамиш Хардинг, пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман и францускиот нуркач и експерт за „Титаник“ – Пол Анри Нарголе.
Американската воена морнарица објави дека апаратите за следење на подводните звуци уште во неделата регистрирале акустична аномалија која наведува на имплозија, кратко откако малата подморница нурнала и по неполни два часа ја загуби контролата со матичниот брод.
Експертите тврдат дека екипажот на подморницата „Титан“ не ни биле свесни за имлозијата – притисокот во големата подводна длабочина бил масивен, имлозијата се случила за милисекунда, истакнува професорката за медицина во случаи на катастрофи, Ајлин Марти за Си-Ен-Ен. Според неа, човечкиот мозок не може ниту да ја регистрира ситуацијата со толкава брзина, подорницата колабирала пред луѓето да се свесни дека има некој проблем.
Повеќе специјални бродови со сонарни системи и роботи-нуркачи, oд неделата, учествуваа во пребарувањето на површина од десетици илјади километри. „Титан“ беше на пат кон во 1912 година потонатиот брод „Титаник“, некогашниот најголем брод во светот, кој се наоѓа на дното на околу 3800 метри морска длабочина, а остатоците од подморницата се откриени на околу 500 метри од „Титаник“.