Skip to main content

Пандемија

Пекинг се затвора поради ковид 19

Градските власти во Пекинг се во трка со времето и настојуваат да детектираат што повеќе случаи на ковид и да ги изолираат лицата кои биле во контакт со заразените.
 |  инфодеск  | 
Пекинг ковид 19

Денеска во Пекинг поради ширењето на ковид-19 се затворени дополнителен број продавници, станбените блокови се под строги мерки на изолација, а властите се обидуваат да откријат што повеќе контакти на заразените, додека во Шангај каде што веќе месец дена на сила се драконски рестриктивни мерки огорченоста расте се повеќе.

Градските власти на Пекинг се во трка со времето и се обидуваат да откријат што е можно повеќе случаи на ковид и да ги изолираат луѓето кои биле во контакт со заразените.

Областа Чаојанг во Пекинг, со 3,5 милиони жители, е првата во која започна масовно тестирање. Во меѓувреме, цели станбени блокови се „заклучени“ и станарите не можат да излезат од своите домови.

Затворени се и теретаните, трговските центри, кината, базените и велнес центрите и библиотеките, а на доставувачите на пошта и храна им е забранет влезот во некои општини и станбени области.

Жителите се предупредени дека ќе бидат законски одговорни доколку не ги почитуваат рестриктивните мерки и придонесат за ширење на епидемијата.

Пекинг забележа 49 случаи на инфекција во четвртокот, во споредба со 50 претходниот ден.

Во меѓувреме, во Шангај кој веќе еден месец е во строг „карантин“ расте гневот и незадоволството. Секоја вечер жителите на оваа финансиска престолнина своето незадоволство го изразуваат со удирање по тави и тенџериња.

Поради строгите мерки за затворање, странците масовно го напуштаат овој најкосмополитски град во Кина.