Три жртви во Хрватска и по една во БиХ и Словенија е билансот од вчерашното невреме во регионот. Стотици се повредени.
Три лица загинаа, а неколку се повредени во невремето што вчера попладнето го зафати Загреб и другите делови на Хрватска, соопшти Хрватската цивилна заштита. Двајца од нив загинале кога врз нив паднало дрво, а по пад од дрво врз возило загинал и 40-годишен возач.
Во Словенија во невремето странски државјанин загинал во Блед од дрво соборено силниот ветар. Две лица биле повредени од удар на гром.
Една жена загина во средата вечерта во невремето што го погоди Брчко во Босна и Херцеговина.
Невремето кое започна со црно апокалиптично небо зад себе остави пустош во Словенија, Хрватска, БиХ и Србија. Денеска се санираат материјалните штети од бурата која корнела дрвја, носела покриви, уривала кранови, предизвика поплави и дефекти и штети на нисконапонската електродистрибуциона мрежа.
Железничкиот сообраќај е во прекин на повеќе делници во Хрватска и Србија, а вчера беше затворен аеродромот Никола Тесла во Белград.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија издаде предупредување поради можни временски непогоди до 22 јули. Пределот од Алпите, преку Западен Балкан и Србија до регионот на Карпатите очекува силна активност на грмотевици до сабота навечер.