По бунтот на граѓаните против лежалките, засилени инспекции на грчките плажи
Граѓанско движење за слободни плажи „Пешкир бунт“ се шири во Грција, па власта најави засилени контроли против нелегално поставени лежалки.
Протестите за слободни плажи започнале на Родос и Парос, но брзо се прошириле и на другите грчки острови со барања да се отстранат нелегалните лежалки кои ги поставиле баровите и рестораните на плажите и да има поголем простор за граѓаните.
Движењето за слободни плажи реагира на тоа што има чувари на плажите, нема слободен простор и премногу скапи лежалки кои достигнуваат и до 120 евра. Лежалките во последните редови достигнуваат до 40 евра. „Некои „закупиле 20 метри квадратни, а имаат 200-300, а некои од нив признаваат дека немаат дозвола“реагираат од Движењето.
Јавниот пристап до плажите во Грција е заштитен со грчкиот устав, истакнуваат од Движењето за слободни плажи. Во меѓувреме, обвинителката на Врховниот суд Џорџија Адеилини започна истрага во врска со ограничување на пристапот на граѓаните и злоупотреби од страна на концесионерите.
Министерот за национална економија и финансии на Грција, Костис Хаѕидакис, издал наредба за интензивирање на инспекциите – по службена должност или по претставки од граѓаните, со цел да се почитуваат договорите за концесија, а прекршителите да добијат казни.
Според надлежното Министерство, за време на инспекциите спроведени од 21 до 24 јули на островот Парос, по поднесените претставки од граѓаните за две плажи, биле констатирани значителни прекршоци и веднаш биле издадени наредби за отстранување на три бизниси од конкретните плажи.
Хаѕидакис истакнал дека нивната цел е да се почитуваат законите и потпишаните договори, нема да се толерираат прекршителите и дека никој нема да биде поштеден.