Избирачките места низ Турција беа отворени утринава во 8 часот по локално време, со што започна гласањето на претседателските и парламентарните избори во земјата.
Граѓаните на Турција гласаат на претседателските и парламентарните избори и избираат меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.
Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а повеќе од 4,9 милиони турски граѓани првпат гласаат, јави Анадолија.
Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.
Денешните избори во Турција се најголемиот политички предизвик досега за турскиот претседател Ердоган (69), кој е на власт веќе две децении.
Турската опозиција ги гледа како нивна најдобра можност да го тргнат од власт и да ја променат неговата политика.
Претседателските и парламентарните избори, кои ќе се одржат денеска, ќе одлучат не само кој ќе ја води Турција, туку и како ќе се управува, како ќе се насочува нејзината економија и како ќе се обликува нејзината надворешна политика.