Skip to main content

Избори во Турција

По две децении на власт разнишана позицијата на Ердоган

Ердоган влегува во едни од најважните избори во модерната историја на Турција со разнишана популарност од економската криза и последиците од земјотресот.
 |  инфодеск  | 
избори во Турција Ердоган

Избирачките места низ Турција беа отворени утринава во 8 часот по локално време, со што започна гласањето на претседателските и парламентарните избори во земјата.

Граѓаните на Турција гласаат на претседателските и парламентарните избори и избираат меѓу тројца претседателски кандидати и 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а повеќе од 4,9 милиони турски граѓани првпат гласаат, јави Анадолија.

Актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.

Денешните избори во Турција се најголемиот политички предизвик досега за турскиот претседател Ердоган (69), кој е на власт веќе две децении.

Турската опозиција ги гледа како нивна најдобра можност да го тргнат од власт и да ја променат неговата политика.

Претседателските и парламентарните избори, кои ќе се одржат денеска, ќе одлучат не само кој ќе ја води Турција, туку и како ќе се управува, како ќе се насочува нејзината економија и како ќе се обликува нејзината надворешна политика.