Најмалку единаесет жители загинаа во пожар во општинскиот Пензионерски дом во босанскиот град Тузла, а триесет и пет други лица се пренесени на лекување во болница, од кои тројца се во критична состојба.
Пожарот избувнал на седмиот кат од деветкатната зграда во вторникот вечерта од причини кои сè уште не се јасни. Според извештаите, на катот биле сместени пациенти кои биле неподвижни и на кои им била потребна нега, некои со тешка деменција и рак. Меѓу повредените има и пожарникари, полицајци, болничари и персонал кој работел во домот за стари лица.
Домот за стари лица во Тузла е изграден во 1980-тите, за време на социјалистичка Југославија. Високата зграда, во архитектонски стил од тоа време, доминира во градскиот пејзаж на Тузла, поранешен индустриски центар во северна Босна и Херцеговина. Жителите на домот и нивните семејства, како и одредени политичари во Тузла, со години предупредуваат за лошите услови во домот за стари лица, но одговорните останале глуви на нивните апели и предупредувања.
Инаку, директорот на Домот, Мирсад Бакаловиќ, денеска наутро поднесе оставка.
-Извлечени се снимки од видео надзорот во Домот. Денеска ќе се преземат дејствија за идентификација на телата и ќе бидат издадени наредби за обдукција. Јавноста навремено ќе биде информирана за сите преземени активности, соопшти локалното Обвинителство.