Штрајкот на синдикатите, поради измените во законите за работниците, предизвикува големи проблеми во Марсеј и Париз каде денес се игра првиот натпревар на Европското првенство во фудбал. Железницата одлучи штрајкот да го засили, вклучувајќи и линии од метрото кое вози до стадионот Stade de France на кој денес ќе се игра натпреварот помеѓу Франција и Романија кој го отвора Еуро2016.
Фудбалските фанови пристигнуваат во Париз и се соочуваат со смрдеата од контејнерите кои со денови не се испразнети поради штрајкот. На улиците од главниот град на Франција има 3.000 тони несобрано ѓубре имајќи во предвид дека градската чистота во Париз не работи. Слична е ситуацијата и во Марсеј каде исто така се играат натпревари од Еуро2016.
Ситуацијата во Франција ќе се влошува бидејќи за 14 јуни е закажан генерален штрајк во целата земја, а штрајк најавија и синдикатите на пилотите на Air France.
Покрај другото, земјата која за време на првенството очекува 10 милиони посетители, е под притисок и од можни терористички напади па така безбедноснитеслужби се во најголем степен на приправност. Безбедноста ја сочинуваат 90.000 припадници на војската и полицијата и 13.000 лица од приватните безбедносни компании.
Францускиот претседател, Франсоа Олан, ги предупреди синдикатите со своите постапки да не го попречуваат отворањето на Европското првенство.
“Должноста на сите нас е да се обезбеди првенството да се одвива непречено и без инциденти. Апелирам на гласот на разумот и одговорноста бидејќи државата мора да ја исполни својата должност, па така ќе превземеме сѐ што е потребно за првенството тече без проблеми”, порачал Олан кој очигледно има намера да го повлече спорниот закон кој предизвика побуна кај синдикатите.
Но, синдикатите се одлучни и не се откажуваат од своите акции и порачуваат дека тие не одлучиле кога ќе се одржува Еуро.
“Овде се случува еден големо општествено движење за промени во законот за работниците и сакаме преговорите за колективните договори да бидат отворени за сѐ. Поради синдикалните акции сигурно ќе има проблеми на Еуро2016, но ние ќе продолжиме со штрајкот”, изјавил Бергер Сернон, генерален секретар на синдикалната унија, а пренесува BBC.