Skip to main content

Почина легендарниот фолк-пејач Халид Бешлиќ

Халид Бешлиќ остави неизбришлива трага во музиката благодарение на неговиот особен вокал, топла и искрена интерпретација и исклучителната способност да се поврзе со публиката, без разлика на нивната возраст или генерација.
 |  инфодеск  | 

Легендарниот фолк пејач Халид Бешлиќ почина на 72-годишна возраст по кратка борба со тешка болест. Бешлиќ бил хоспитализиран во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево кон крајот на август.

Роден е на 20 ноември 1953 година во Кнежина кај Соколац и остави неизбришлив белег на музичката сцена на поранешна Југославија и пошироко.

Неговата кариера, која траеше повеќе од четири децении, вклучува безброј хитови кои станаа евергрини и неизбежен дел од секоја прослава, радио и кафанска музика. Меѓу неговите најголеми хитови се: „Миљачка“, „Ја без тебе не могу да живим“, „Романија“, „Хеј зоро, не свани“, „Први пољубац“, „Нечу, нечу дијаманте“, „Севдах да се догоди“, „Врачам се мајци у Босну“ и многу други.

Неговата музика ги надминува генерациските и географските граници, спојувајќи ги емоциите, традицијата и енергијата што публиката ги препознаваше и ги сакаше. Познат по својот препознатлив глас, емоционална интерпретација и длабока поврзаност со публиката, Халид Бешлиќ беше омилен меѓу сите генерации.