Откако Mark Zuckerberg во април 2012 година го превзеде Instagram за една милијарда долари и на тој начин ги шокира корисниците на оваа мрежа, но и голем број пазарни аналитичари, бидејќи плати огромна сума за компанија која не заработила ниту еден долар, тој минатата година се обиде да купи уште една популарна мрежа – Snapchat. На нејзиниот сопственик, Evan Spiegel прво му понудил една милијарда, но кога тој го одбил шефот на Facebook набрзо му доставил нова понуда од три милијарди долари. Иако Zuckerberg верувал дека овој пат ќе прифати, Spiegel го одбил повторно, па Mark се осврнал на други аквизиции како WhatsApp, додека шефот на Snapchat продолжил со развојот на својата мрежа и со привлекување на што поголем број корисници.
Spiegel е пример на претприемач кој верува во својот производ и кој ризикувал големи пари, но се чини дека тој ризик му се исплати. Според последните гласини, моменталната вредност на компанијата се искачила на дури 10 милијарди долари. Ако сѐ оди според планот, пренесува Business Insider, кон крајот на оваа година може да се очекува излегување на берза на Snapchat а неговата проценета вредност тогаш би можела да изнесува помеѓу 25 и 30 милијарди долари. Вакви амбициозни проценки се базирани на неколку работи, а една од нив е големиот број на корисници помлади од 25 години. Еден од најголемите проблеми на Facebook се токму тинејџерите и младите корисници на кои оваа мрежа им здосадила, а многумина Facebook го заменуваат со Snapchat.
Исто така, многумина Snapchat го користат во замена за WhatsApp, WeChat и Facebook Messenger, за размена на пораки бидејќи оваа мрежа испраќа пораки кои автоматски се бришат од телефоните по кратко време па е идеална за праќање интимни фотографии и приватни пораки. Уште една причина за оптимизмот на Spiegel е неодамна претставената опција Snapchat Stories која овозможува споделување на содржина со повеќе корисници и во однос со другите мрежи најголемата предност е тоа што и тие објави после одредено време исчезнуваат од интернет.
Сепак најголемиот оптимизам за понатамошно зголемување на вредноста на компанијата е огласувањето. Огласите доаѓаат и на Snapchat и големите компании на оваа мрежа ќе ги објавуваат своите огласи а ќе бидат наменети најмногу на младите корисници.
Ако огласувањето на Snapchat се покаже успешно, Evan Spiegel ќе има милијарди причини за оптимизам кога оваа компанија ќе излезе на берза.
{loadposition content9}