Ѕидот на молчење кој со десетлетија ја штити мафијата конечно попушти, дури и во внатрешноста на Сицилија, пишува Independent.
Во Корлеоне, родното место на најозогласените кумови на Коза Ностра, кое го позајми своето име на мафијашката фамилија во филмовите на Копола, жртва на мафијашкото изнудување по прв пат во историјата соработувала со правосудните органи.
Карабињерите го уапсиле локалниот шеф на мафијата и уште три лица, а апсењето следело откако неименована жртва, сопственик на автосалон, на полицијата им рекла дека не може повеќе да плаќа рекет од 500 евра месечно, колку што се плаќало за “заштита”.
“Секој месец морав да уплатам 500 евра. На крајот морав да го затворам бизнисот бидејќи повеќе не можев да плаќам”, рекол тој. Кога отворил друга фирма замолил да плаќа помалку, но локалните мафијаши го одбиле предлогот. Но, овој разговор бил сниман, а претприемачот се согласил за соработка со полицијата и судот.
Се верува дека мафијашите од своите жртви бараат сѐ поголеми суми за да им помагаат на фамилиите на сѐ поголемиот број нивни колеги кои завршуваат в затвор.
Локалниот командир на полицијата Пјерлуиџи Солацо објаснил дека претприемачите кои се уништени со кризата не можат да се носат со додатниот притисок од страна на мафијата. Во последните шест месеци објавени се низа на апсења на членови на мафијата.
Последните апсења се само продолжение од минатата година кога во Корлеоне беа уапсени шестмина мафијаши. Најистакнат меѓу нив беше 58-годишниот Антонио Ди Марко.
Корлеоне, град сместен јужно од Палермо, кој брои 12 илјади жители, светската слава ја стекна благодарение на трилогијата Кум. Во 2013 година, на 20-годишнината од апсењето на најозогласениот шеф на Коза Ностра Салваторе Тото Рина, кој ги нареди смртоносните бомбашки напади во 1992 година, градските власти се извинија за сета крв која е пролеана од страна на локалните мафијаши.
Рина (84) ја служи доживотната казна затвор, а неговиот наследник Бернардо Провенцано е уапсен в 2006 година.
{loadposition content9}