Последен поздрав до таткото на Јужна Африка
Илјадници луѓе пристигнаа на стадионот во Јоханезбург каде ќе биде одржана комеморацијата за Нелсон Мандела.
Голем број претседатели на држави и влади веќе допатуваа во Јоханесбург – меѓу нив се американскиот претседател Брак Обама, кој допатува заедно со сопругата Мишел. Покрај Обама, на комеморацијата допатуваа уште тројца поранешни американски претседатели, Џорџ Буш, Бил Клинтон и Џими Картер.
Британската делегација ја сочинуваат актуелниот премиер Дејвид Камерон, кој е придружуван од своите тројца претходници на функцијата, а од име на кралицата Елизабета сочувство ќе изрази принцот Чарлс. Германија ја претставува претседателот Јоахим Гаук. Во Јоханесбург пристигна и францускиот претседател Франсoа Оланд и неговиот претходник Никола Саркози. На стадионот се присутни и личности од светската култура – Боно Вокс, Чарлиз Терон, како и еден од најистакнатите борци против апартхејдот – Дезмон Туту.
Комеморацијата за Нелсон Мандела се одржува на фудбалскиот стадион во Совето, до Јоханесбург, каде што тој пред 23 години, беше поздравен од неговите приврзаници по ослободувањето од затвор, како надеж за нова Јужна Африка ослободена од апартхејдот. Стадионот во Совето беше местото на кое Мандела го одржа својот последен јавен настап, на затворањето на Светското првенство во фудбал во 2010 година.
Комеморацијата коинцидира со Меѓународниот ден на човековите права, права, за кои Мандела се бореше целиот свој живот.
„Она што го направи за време на животот, тоа го прави и во смртта, ги зближува луѓето со различни мислења, политички и верски уверувања“, изјавија денес дел од неговите најблиски соработници.
Мандела почина на 5 декември во 95. година од животот. По комеморацијата, неговото тело ќе лежи во ковчег три дена во Преторија, а погребот е закажан за в недела (15.12) во селото Чуну, каде тој израснал.
Предвидено е говори да одржат бројни светски лидери, меѓу нив и американскиот претседател Барак Обама, кубанскиот Раул Кастро, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и кинескиот заменик-претседател Ли Јуанчао.
{loadposition content9}