Skip to main content

Потонаа финансиските пазари по Brexit

Најниско ниво на фунтата во однос на американскиот долар по 1985 година

 |  инфодеск  | 

На Wall Street во петокот цените на акциите потонаа повеќе од 3%, што е нивни најголем дневен пад во последните 10 месеци, бидејќи одлуката на Британците да ја напуштат ЕУ, инвеститорите ги изненади. Dow Jones потона 611 поени или 3,39%, додека S&P 500 падна за 3,6%, а Nasdaq за 4,12%.

Остриот пад на акциите е последица на погрешните проценки на инвеститорите дека Британија ќе остане во Европската унија. Поради тоа со денови пред референдумот берзанските индекси растеа, па S&P500 индексот се приближи до рекордното ниво на само 0,8%.

Но, во петокот, откако се покажа дека мнозинството Британци сакаат да ја напуштат ЕУ, тој индекс забележа најголем дневен пад од август минатата година.

На пореметувањето на финансиските пазари укажува и падот на курсот на фунтата спрема американскиот долар, во еден момент рекордни 10%, на 1,32 долари, најниско ниво од 1985 година досега.

Стравот на инвеститорите дека одлуката на Британците ќе им наштети на инвестициите и ќе ги доведе до економска несигурност предизвика остар пад на цените на акциите на светските берзи, па се проценува дека се збришани околу 2.000 милијарди долари на пазарната вредност на акциите.

“Очекуваме намалување на инвестициите, а поради тоа и спор економски раст во идните две, три години додека траат преговорите за излез на Британија од ЕУ”, порачале аналитичарите на Deutsche Bank.

На страв на инвеститорите укажува и вчерашниот скок на индексот VIX “страв” на Чикашката берза за 49%, односно највисоко ниво во последните четири месеци. Тоа покажува дека инвеститорите засилено ги осигуруваат своите портфељи од можен пад на цените на акциите.

И на европските берзи вчера се забележани уште поголеми губитоци. Лондонскиот FTSE падна за 3,15%, додека франкфуртскиот DAX потона за 6,82%, а парискиот САС за 8,04%.