Skip to main content

Училишта

Повторно дојави за бомби ширум Србија

Дојави за бомби пристигнале утрово на адреса на голем број училишта во повеќе градови низ Србија, соопштија српските медиуми.
 |  инфодеск  | 
Дојава за бомба Белград

Голем број училишта утрово во Белград, Мајданпек, Ниш, но и други градови добија дојави за бомби. Дел од нив ги известија децата да не доаѓаат на училиште, а наставата денеска ќе се одржува онлајн.

Корисници на социјални мрежи ја потврдиле таа информација, објавувајќи дека пријави стигнале и до училишта во општините Ада, Кикинда и Врбас. Во Мајданпек во тек се проверки, а на лице место излегле пожарникари и Итна помош, јави Бета.

Дојави за бомби пристигнале и во неколку основни училишта во Ваљево. Исто така во две основни училишта во Нови Пазар, а полицијата го блокираше тој дел од градот бидејќи во непосредна близина има градинка и зграда на Полициската управа.

Според Бета, дојава за бомба пристигнала утрово на адресите на сите основни училишта во Расински округ, Ниш, Пирот и Бабушница.

Дојави за поставени бомби имало и во српските училишта во Косовска Митровица.

Во изминатите месеци, од почетокот на руската инвазија врз Украина и српското одбивање да воведе санкции против Москва, редовно има дојави за бомби во училишта, трговски центри и авиони во Србија. Српските власти велат дека се работи за облик на специјална војна против земјата.