Пожарот во станбените висококатници со околу 4.600 жители во Хонгконг гори повеќе од 24 часа. Бројот на загинати порасна на 55, а стотици луѓе и натаму се водат како исчезнати.
Истрагата за причината уште трае, но засега се уапсени три лица, вклучително и директори на градежни компании. Според полицијата, на прозорците на зградите имало мрежи и пластични фолии кои веројатно придонеле за брзото ширење на пожарот. Експертите за противпожарна безбедност веруваат и дека големата количина бамбусови скелиња што ги поврзуваат станбените блокови го разгорела пожарот од синоќа.
Дел од жителите кои успеале да се спасат во интервјуа изјавиле дека не бил активиран никаков аларм за пожар.
Довршен во 1983 година, комплексот „Ванг фук корт“ се состои од осум згради високи по 31 кат. Содржи 1.984 станови, во кои живееле над 4.600 луѓе.
Фото: Chen Duo/Xinhua/dpa/picture alliance