Му предвидуваа крах, аналитичарите со месеци тврдеа дека Facebook едноставно не може да опстои на долги патеки бидејќи го напуштаат младите…
Оваа приказна се вртеше пред околу една година, кога многумина, навистина голем број на луѓе кои се занимаваат со анализи и предвидувања на трендови на интернет беа уверени дека Facebook полека но сигурно паѓа. Не само што не падна туку напротив, продолжи да расте, ја задржа уверливо првата позиција на најпопуларна социјална мрежа во светот, иако многу конкуренти се обидуваа да го детронизираат Mark Zuckerberg и неговото милениче. Дека Facebook е недопирлив им е јасно на сите, а стигна уште една потврда од самиот лидер…
Имено, Mark Zuckerberg на своето портфолио соопшти дека Facebook сега има 1,49 милијарди активни корисници на месечно ниво. Податокот Zuckerberg го пропрати со текст во кој најавува спојување на сé и секој и благодарност до сите што се дел од оваа заедница, а продолжува со зборовите: “Во 1876 година е воспоставен првиот телефонски повик и тогаш во светот живееле 1,49 милијарди жители, а денес таа бројка ја имаме на Facebook”.
Со растот на корисници, на Facebook му растат и приходите, така во вториот квартал заработката му е 4.04 милијарди долари, од тоа 76% од маркетиншките активности се од мобилните платформи, а во Facebook се посебно горди на тоа.