Продолжуваат преговорите САД -Сирија
САД испраќаат двајца високи претставници на Белата куќа и на Стејт департментот во Дамаск.
Вршителот на должноста заменик-државен секретар Џефри Фелтман и помошник-советникот по прашањата за национална безбедност Даниел Шапиро, кој е задолжен за Блискиот Исток, ќе пристигнат денеска во Дамаск. Двајцата високи американски функционери ја придружуваа Клинтон за време на нејзината блискоисточна турнеја.
Фелтман и Шапиро денеска ќе се сретнат со сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем и со вицепретседателот Фарук ал Шираа, додека утре ќе бидат примени од претседателот на Сирија, Башар ал Асад.
Посетата на Фелтман и Шапиро на Сирија е на највисоко политичко ниво во изминатите четири години. Претходниот американски државен секретар Кондолиза Рајс неколку пати се сретна со сирискиот колега Валид Муалем, но никогаш не беше во посета на Сирија.
Клинтон вчера на кусо разговараше со Муалем на маргините на донаторската конференција за обнова на Појасот Газа, што се одржа во египетското летувалиште Шарм ел Шеик.
Односите меѓу САД и Сирија се влошија по атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири. Фелтман во тоа време беше амбасадор на САД во Бејрут.
{loadposition content9}