Прв тренажен лет на новиот авион „Дримлајнер“
Тестот беше спроведен во северозападната држава Вашингтон со задоцнување од над две години по првично утврдениот датум. Главни причини за одложувањето се – распрснувањето на производството на стотина места и неочекуваното поскапување материјали.
Новиот авион се приземји по три часа лет. Првично беше предвидено Боинг 787 „Дримлајнер“ да остане во воздухот пет часа и половина, но тестот беше скратен поради поројниот дожд, кој се засили и ја намали видливоста на пилотите.
– Авионот покажа величенствени перформанси, изјави портпаролот на Боинг за време на директното прикажување на приземјувањето на Интернет.
“Дримлајнер“, кој е обоен во бело, тиркизно и морско сино, слета на аеродромот „Боинг филд“ во Сиетл, во близина до фабриката на Боинг во Еверет.
Двајцата пилоти беа единствеите луѓе во авионот кој се одликува со висок степен на компјутеризација, кој директно испраќаше анализирани податоци на тим експерти на земјата.
Боинг 787 „Дримлајнер“ достигна височина од околу 4.600 метри и разви брзина од 333 километри на час. Од компанијата уверија дека тоа се вообичаени показатели за тест авиони.
Боинг 787 „Дримлајнер“ е од одлучувачко значење за иднината на американскиот производител на авиони, кој на пазарот 15 години немаше презентирано нов авион. Вториот тренажен лет е закажан за 22 декември.
Двомоторниот авион е конструиран да превезува меѓу 210 и 33 патници на растојанија во рамките на 4.600 и 15.750 километри. Тој обезбедува поголема удобност на патниците, благодарение на повисоката просечна влажност на воздухот.
Американската компанија и покрај се останува во сериозна предност пред големиот европски соперник „Ербас“. Се очекува првите испораки на авионот на „Ербас“ А350 XWB, кој е замислен како директен конкурент на Боинг 787 „Дримлајнер“, да бидат остварени во средината на 2013 година.