Бројот на загинати во шумските пожари на хавајскиот остров Мауи се искачи на 96, што го прави најсмртоносниот во САД во последните 100 години, соопштија властите. Официјалните лица стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
Неколку дена откако пожарот уништи голем дел од туристичкиот град Лахаина, пожарникарите се уште се борат да го изгаснат пожарот додека кучињата ги пребаруваат урнатините по жртви, објави Гласот на Америка. Стотици луѓе се уште се водат како исчезнати, иако точниот број не е познат.
Гувернерот на Хаваи Џош Грин повторно вети дека ќе ги разгледа системите за одговор на пожар и известување за итни случаи. Се проценува дека пожарот предизвикал штета од повеќе од 6 милијарди долари, а трошоците за обнова само на Лахаина се проценуваат на 5,6 милијарди долари, според Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА).
Повеќе од 2.700 објекти беа оштетени или уништени, а над 2.100 хектари земјиште изгореа.