Постигнат рамковен договор за префрлање на Тик-Ток во сопственост контролирана од САД
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во петок ќе разговара со кинескиот лидер Си Џјинпинг, откако американските и кинеските официјални лица постигнаа рамковен договор за продолжување на функционирањето на апликацијата Тик-Ток во САД.
Американскиот секретар за финансии Скот Бесент, кој ги предводеше разговорите во Шпанија, им изјави на новинарите дека е постигнат рамковен договор со кој апликацијата Тик-Ток на „Бајтденс“ (ByteDance Ltd.) ќе продолжи да работи во САД. Заменик-министерот за трговија на Кина, Ли Ченгганг, исто така изјави пред новинарите во Мадрид дека е постигнат рамковен „консензус“ за Тик-Ток, но предупреди дека Пекинг нема да ги жртвува своите принципи заради договор.
Трамп уште во јуни рече дека има група многу богати луѓе кои се подготвени да го преземат TikTok во САД, но никогаш не откри кои се тие. Лари Елисон од Oracle со група инвеститори и Илон Маск од Tesla, исто така со група инвеститори, веќе беа споменати како потенцијални купувачи. Сепак, досега немало конкретни договори.