Разорен земјотрес го потресе Чиле
Земјотрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди централниот дел на Чиле. Според првичните информации најмалку 47 лица загинале во земјотресот, а потвредно е и уривањето на неколку згради.
Епицентарот на потресот е регистриран во водите на Тихиот океан во близина на вториот по големина град во земјата Консепсион, кој има околу 200 илјади жители и се наоѓа на 340 километри од главниот град Сантијаго. Потврдено е уривањето на повеќе згради во главниот град Сантијаго. Земјотресот предизвика прекин на електричната енергија и на телефонските линии во поголемиот дел од земјата.
Претседателката Мишел Башлет изјави дека поради силината на земјотресот се очекува бројот на жртвите да расте. Таа ги повика граѓаните да избегнуваат да патуваат во текот на ноќта и да останат смирени.
Очевидци наведуваат дека потресот траел околу една и пол минута, а постојано пристигнуваат информации и за последователни шокови со помал интензитет. Граѓаните во паника ги напуштаат своите домови и бараат засолниште подалеку од зградите.
Веднаш по земјотресот Пацифичкиот центар за цунами издаде предупредување за можно цунами на брегот на Чиле и Перу, а на пониско ниво и за Колумбија, Еквадор, Панама, Коста Рика и Антарктикот. Според соопштението од центарот, цунамито веќе започнало во водите на Тихиот океан, но нема проценки за неговата силина.
Читањето на податоците за нивото на морето покажуваат дека е покренат цунами кој би можел да биде разурнувачки за крајбрежната област во близина на епицентарот на земјотресот, а би можел да ги загрози и поодалечените брегови, се наведува во сооппштението од центарот.
Реагираа и властите во Филипините кои ги предупредија жителите на источниот дел на архипелагот да се подготват за евакуација поради можноста од цунами.
Земјотрес со помала јачина, од 7,3 степени по Рихтеровата скала утрово ја погоди и Јапонија. Погоден бил јужниот јапонски остров Окинава, а епицентарот бил на околу 10 километри под земјата исто така во водите на Тихиот океан. И таму властите издадоа предупредување за можно цунами. „Напуштете ги крајбрежните области и што е можно побрзо упатете се на посигурни и повисоки подрачја“, се наведува во предупредувањето од локалните власти.
Во Чиле е регистриран и најсилниот земјотрес во светот. Во 1960 година загинаа 1.655 лица во земјотресот со јачина од 9,5 степени по Рихтеровата скала.
{loadposition content}