Русија денеска го лансираше своето прво вселенско летало кое слета на Месечината по 47 години, во обид да биде првата сила што ќе изврши меко слетување на јужниот пол на Месечината, регион за кој се верува дека содржи џебови со воден мраз.
Ракетата „Сојуз 2.1v“ што го носи вселенското летало „Луна-25“ беше лансирана од космодромот „Восточни“ на 5.550 километри источно од Москва во 2:11 часот по московско време. Лендерот треба да слета на Месечината на 23 август, објави руската вселенска агенција РОСКОСМОС. Вселенското летало „Луна-25“ има маса од 1,8 тони и се планира да помине најмалку една година на површината на Месечината, собирајќи примероци и изведувајќи различни истражувања.
Руската лунарна мисија, прва од 1976 година, се натпреварува со Индија, која минатиот месец го испрати својот лунарен лендер Чандрајаан-3, и со САД и Кина, земји со напредни програми за истражување на Месечината. Со векови, астрономите се прашувале за водата на Месечината, природниот сателит на Земјата, која е 100 пати посув од пустината Сахара. Мапите на НАСА во 2018 година покажаа воден мраз во засенчените делови на Месечината, а во 2020 година НАСА го потврди постоењето на вода во областите осветлени од сонцето.
Советската вселенска програма има богата историја во истражувањето на Месечината. Иако американскиот астронаут Нил Армстронг стана познат како првиот човек што стапнал на Месечината во 1969 година, Советскиот Сојуз имаше свои претходни успеси. Во 1959 година, советското летало „Луна-2“ стана првото вселенско летало кое стигнало до површината на Месечината, додека мисијата „Луна-9“ го изврши првото меко слетување на Месечината во 1966 година.