Русите признаа што бранат во Сирија
“Не е важно кој ќе ја води Сирија…”
“Секако, не се бориме за поедини лидери, ги браниме нашите интереси…, рекол рускиот премиер Дмитриј Медведев во интервју за руската телевизија.
“Како второ, имаме барање од легитимните сириски власти и тоа е основата на нашето делување”, додал Медведев.
Медведев истакнал дека Русија во Сирија се брани од заканите на исламските екстремисти.
“Претседателот Путин рече: очигледно е, ако не ги искорениме тие терористи таму каде што се наоѓаат, тие ќе дојдат во Русија”, рекол рускиот премиер.
Тој истакнал уште и дека не им е важно дали сирискиот претседател Башар Ел Асад во иднина ќе ја води Сирија, додавајќи дека би можел било кој друг да го наследи, само не Исламската држава.
“Не е важно кој ќе ја води Сирија. Не сакаме Сирија да ја води Исламската држава. Тоа мора да бидат цивилизирани и легитимни власти. Сирискиот народ ќе одлучи кој ќе ја води Сирија”, рекол Медведев и напоменал дека Русија моментално постапува според фактот дека Асад е легитимен претседател.
Медведев, исто така, ја критикувал одлуката на САД да не испрати делегација во Москва на разговори за сириската криза и да не ја прими делегацијата во Вашингтон која требаше да ја предводи токму тој.
“Мислам дека тоа е глупо. Американците со тоа ја покажаа својата слабост”, рекол Медведев.
Медведев оценил и дека воената операција на меѓународната коалиција предводена од САД во Сирија имала минимален учинок врз Исламската држава и дека само руската интервенција ја менува ситуацијата на терен.


