-Поранешниот сириски претседател Башар ал Асад е во Москва и доби азил во Русија, објави вечерва руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на извор од Кремљ.
Руското Министерство за надворешни работи објави дека претседателот на Сирија Башар ал Асад ја напуштил земјата и функцијата откако наредил мирно предавање на власта. Во соопштението руското министерство не кажа каде се наоѓа Асад, а се истакнува дека Русија не учествувала во разговорите околу неговото заминување. Москва смета дека е неопходно да се продолжат преговорите под покровителство на ОН за решавање на ситуацијата во Сирија. Лидерите на вооружената сириска опозиција ја гарантираа безбедноста на руските воени бази и дипломатски институции во Сирија, посочува ТАСС.
Агенцијата наведува дека членовите на опозициските вооружени групи започнале голема офанзива врз владините позиции во провинциите Алепо и Идлиб на 27 ноември. До вечерта на 7 декември, противниците на Асад зазедоа неколку големи градови – Алепо, Деир ез-Зор, Дара, Хама и Хомс. Утрото влегле во Дамаск, по што армиските единици го напуштиле градот.
Режимот на Асад беше домаќин на московската воздухопловна база Хмејмим во сириската провинција Латакија и поморски објект во Тартус, пишува Sky News. Сириските џихадистички групи ја преземаа контролата над Дамаск и го урнаа Асад од власта, завршувајќи го децениското владеење на неговото семејство по 13-годишната граѓанска војна.
Фото: https://www.aljazeera.com/