
САД ја блокираа нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се повикува на итен, безусловен и траен прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, како и за непречена дистрибуција на хуманитарна помош низ целата енклава.
-Ова е несериозна резолуција – срамна во време кога се поставуваат сериозни прашања за корисноста на ОН, нејзиното финансирање и користењето на ресурсите. Советот за безбедност треба да си постави повисоки стандарди, изјави Дороти Шеј, амбасадорката на САД во ОН.
Останатите 14 земји гласаа за прифаќање на нацрт-резолуцијата, но како една од петте постојани членки на Советот, САД имаат право на вето.
Конфликтот во Газа трае од 7 октомври 2023 година, кога милитантите на Хамас започнаа напад врз Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 250 заложници. Израел одговори со воена кампања во која загинаа повеќе од 54.000 Палестинци.