Skip to main content

Помош за украина

Самит на Кримската платформа во Хрватска

Во Загреб започна првиот парламентарен самит на Кримската платформа со порака дека не треба да се запре во давањето помош за Украина.
 |  инфодеск  | 
Самит во Хрватска

Претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ и претседателот на украинската Врховна Рада Руслан Стефанчук денеска во Загреб го отворија првиот парламентарен самит на Кримската платформа со порака дека не треба да се запре во давањето помош за Украина.

Ќе испратиме силна порака за единство, солидарност и поддршка на Украина во екот на руската агресија, рече Јандроковиќ, додавајќи дека меѓународната заедница, ЕУ и НАТО брзо „одговорија на антицивилизацискиот потег на Путин” на обединет и солидарен начин по руската инвазија.

Кримската платформа е иницирана од украинскиот претседател Володимир Зеленски пред почетокот на руската агресија во летото 2021 година, со цел да се отфрли митот дека Крим и припаѓа на Русија и да ги обедини земјите кои се залагаат за реинтеграција на полуостровот во Украина. Платформата се занимава и со голем број поврзани прашања, како што се почитувањето на човековите права, заштитата на кримските Татари, слободата на навигација, заштитата на животната средина, но по руската агресија, платформата доби ново значење и фокусот се прошири на други делови од Украина, кои Русија ги присвои спротивно на меѓународното право.

Во август 2021 година, во Киев се одржа инаугуративниот самит на Кримската платформа, која го координира меѓународниот одговор на анексијата на Крим и другите безбедносни предизвици.

Самитот се одржа и оваа година во август, во виртуелна форма, и обата собири беа на ниво на претседатели на држави или влади. Со денешната средба во Загреб се воспоставува парламентарна димензија на Кримската платформа.

Продолжувањето на руската агресија ѝ даде нов моментум на оваа платформа. Конечната цел е јасна, Русија да ја напушти територијата што не и припаѓа, нагласи претседателот на Саборот. – Духот на украинскиот народ ме потсети на духот на хрватскиот народ од пред триесет години. И ние ја соочивме нашата гордост, патриотизам и храброст со воено супериорен агресор – рече Јандроковиќ.

Тој додаде дека „на таа воена кампања и претходела темелна подготовка на лажни наративи и манипулација со информации од страна на големосрпскиот агресор” и дека Хрватска со своето воено искуство и стои на располагање на Украина на сите други начини.

Тој ги повика земјите да донесат јасна одлука и да застанат на украинската страна.

Длабоко сме свесни за разликата меѓу агресорот и жртвата. Никој не треба да има дилеми на која страна од овој конфликт да застане. Да не се колебаме во помагањето на Украина на патот кон нејзината победа – нагласи Јандроковиќ.

Стефанчук, од своја страна, рече дека е убеден дека денешната средба „ќе биде продуктивна и плодна” и се заблагодари на Хрватска за коорганизацијата на самитот бидејќи не е можно да се одржи во Киев поради „дневните агресивни напади врз Украина”.

Иницијативата на украинскиот претседател Володимир Зеленски стана широко прифатена и се шири географски. Нашата цел е јасна, враќање на Крим под украинскиот интегритет – потенцираше Стефанчук.

Тој е убеден дека „во блиска иднина ќе се оствари сонот за Украина – победа и мир”, нагласи претседателот на украинскиот парламент.

Во Загреб има 42 делегации од 32 земји. Пет држави се претставени од претседателите на двата дома на парламентот: Белгија, Чешка, Ирска, Полска и Романија. Единаесет земји ќе учествуваат преку видео порака, меѓу кои Франција, Унгарија, Јапонија и Канада.

Во Загреб има и претставници на пет парламентарни собранија на меѓународни организации – Европскиот парламент, ПС на Советот на Европа, ПС на ОБСЕ, Интерпарламентарната унија и ПС на НАТО.

На собирот преку видео-врска ќе се обрати и украинскиот претседател Зеленски, а сè очекува да заврши со усвојување заедничка изјава во која ќе се осуди кршењето на човековите права на Крим од страна на руските окупатори и ќе се предложи заострување на санкциите против Русија и формирање меѓународен суд за осуда на руските воени злосторства и кршење на човековите права.