Skip to main content

Авионска несреќа

Се урна ирански борбен авион

Иранските новински агенции информираа дека се урнал воен авион Ф14 на иранската војска поради технички дефект.
 |  инфодеск  | 
Ирански авион

Поради технички дефект денеска во централниот регион Исфахан се урна воен авион Ф14 на иранската војска, објавија иранските новински агенции. Пилотот и копилотот безбедно се катапултирале и се здобиле само со полесни повреди.

Воен авион Ф14 на воздухопловните сили претрпе технички дефект за време на мисија утринава при слетувањето во базата Шахид Бабаеи во Исфахан – соопшти Иранската новинската агенција.

Расул Мотамеди, началникот на воениот оддел за односи со јавноста во Исфахан, за новинската агенција Фарс изјави дека воениот авион од американско производство бил во мисија за тренинзи во областа.

Иранските воздухопловни сили располагаат со асортиман на воени авиони произведени во САД, а купени пред Исламската револуција во 1979 година, како и воени авиони МиГ и Сухој од руско производство.

Децениските санкции на Западот ја отежнаа набавката на резервни делови, како и одржувањето на застарената флота.

Во мај, борбен авион се урна во централната пустина на Иран, при што загинаа двајцата пилоти. Во февруари, борбен авион падна во фудбалско игралиште во северозападниот град Табриз во земјата, при што загинаа и пилотите и еден цивил.