Skip to main content

Русите и Украинците меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната

Се заканува катастрофа поради рушењето на браната Каховка на Днепар

Засега, 22.000 луѓе кои живеат во 14 населени места во јужниот дел на украинската област Херсон се во опасност од поплави по експлозијата на браната.
 |  инфодеск  | 
Срушена брана на Днепар

Јужната команда на украинската армија рано утринава соопшти дека руските сили ја кренале во воздух браната Каховка на реката Днепар кај Херсон. На социјалните мрежи се споделуваат шокантни снимки од овој крај каде водата во текот на денов ќе ги поплави околните места. Како што јави руската агенција Тасс, водата веќе се искачила за десет метри, што значи дека на повидок е катастрофа. Русите и Украинците меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната, додека во тек е итна евакуација на локалното население.
Засега, 22.000 луѓе кои живеат во 14 населени места во јужниот дел на украинската област Херсон се во опасност од поплави по експлозијата на браната. Рускиот градоначалник на Нова Каховка, Владимир Леонтиев, кој рекол дека дел од градот е исклучен од снабдувањето со електрична енергија поради безбедносни причини.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече терористички чин и нагласи дека свикал состанок на Советот за национална безбедност и одбрана.

Браната Нова Каховка ја минува огромната украинска река Днепар, задржувајќи голем резервоар со вода зад себе. Самата брана е висока 30 метри и широка стотици метри. Изградена е во 1956 година како дел од хидроцентралата Нова Каховка. Големиот резервоар содржи приближно ист волумен на вода како Големото Солено Езеро во Јута. Срушената брана може да ослободи „ѕид“ од вода и да ги поплави населбите под неа, вклучувајќи го и Херсон, кој украинските сили го ослободија кон крајот на 2022 година. Водата од акумулацијата го снабдува полуостровот Крим на југ – кој Русија го анектираше во 2014 година – како и најголемата во Европа нуклеарна централа Запорожје. Oд Енергоатом, државната агенција за нуклеарна енергија на Украина, реагираа на уништувањето на браната, велејќи дека тоа „може да има негативни последици за нуклеарната централа Запорожје.