Skip to main content

Северна Кореја тестираше хидрогенска бомба, свикана вонредна седница на советот за безбедност

Повеќе центри за следење на сеизмички активности забележале силен потрес

 |  инфодеск  | 

Веста за успешно тестирање на хидрогенска бомба ја објави севернокорејската телевизија неколку часа откако агенциите за следење на сеизмички активности од повеќе земји детектирале потрес со магнитуда од 5,1 во близина на севернокорејскиот комплекс за испитување на нуклеарно оружје.

Северна Кореја ќе продолжи да ја зајакнува нуклеарната програма за да се заштити од непријателските политики на САД, речено било во изјавата. Северна Кореја исто така порачала дека е одговорна нуклеарна сила и ветила дека своите нуклеарни оружја нема да ги користи ако не се наруши нејзиниот суверенитет и дека својата нуклеарна технологија нема да ја трансферира на други.

Ова е четврто тестирање на нуклеарно оружје во Северна Кореја која се наоѓа под санкции на САД и ОН поради нејзините програми за развој на нуклеарно оружје и ракетни системи.

Севернокорејскиот лидер, Ким Јонг-ун минатиот месец изјави дека неговата земја, која поседува нуклеарно оружје, произвела хидрогенска бомба. “Северна Кореја и претходно беше моќна нуклеарна сила која е спремна да активира атомска и хидрогенска бомба во одбрана на својот суверенитет”, рекол Ким Јонг-ун во една пригода на обиколка на една воена база.

Северна Кореја три пати тестирала атомска бомба која користи нуклеарни фисии, 2006, 2009 и 2013 година. Поради овие тестирања заработи меѓународни санкции. Хидрогенската бомба се користи со фузија и произведува многу посилна експлозија, па така успешното тестирање на хидрогенска бомба претставува голем напредок во нејзината нуклеарна програма.

Повеќе центри за следење на сеизмички активности забележале потрес со магнитуда од 5,1. Јужна Кореа објави дека потресот се случил околу 50 км од комплексот Punggye-ri каде Северна Кореја и порано правела испитувања на нуклеарно оружје, известила јужнокорејската агенција Yonhap.

Кинеската државна новинска агенција Xinhua известила дека на подрачјето на Северна Кореја има директен потрес со магнитуда од 4,9. Xinhua известила дека можеби станува збор за експлозија.