Skip to main content

Северни делови

Силен земјотрес ги погоди Филипините

Светските медиуми пренесуваат дека епицентарот на земјотресот бил во провинцијата Абра, каде имало лизгање на земјиштето и оштетени згради.
 |  инфодеск  | 
Земјотрес Филипини

Најмалку две лица го загубија животот, а десетици се повредени во силниот земјотрес што денеска ги потресе северните делови на Филипините.

Потресот со интензитет од седум степени според Рихтеровата скала ја погоди провинцијата Абра во северните планински делови на земјата, предизвикувајќи лизгања на земјиштето и оштетувања на објекти.

Едно лице загинало во својата куќа во Абра, каде што се повредени најмалку 25 лица кои се префрлени во болница.

Градежен работник загинал во урнатините во планинскиот град Ла Тринидад во провинцијата Бенге, каде свлечишта и одрони на камења блокираа неколку патишта.

Ударот на земјотресот се почувствувал и на повеќе од 400 километри оддалеченост, во главниот град Манила, каде работниците и жителите се евакуирале од зградите.

Филипинскиот Институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека земјотресот е предизвикан од движење на тектонските плочи на длабочина од 25 километри, со предупредување за можни последователни потреси.

Абра е регион без излез на море, познат по длабоките долини и планинскиот терен.