Силен земјотрес ги погоди островот Кос и Бодрум
Како што соопштија локалните власти, досега имало двајца загинати
Силен земјотрес со магнитуда од 6,7 степени предизвика мало цунами на медитеранскиот брег во Турција. Епицентарот на земјотресот бил во близина на Бодрум, се почуствувал и на грчките острови Кос и Родос, а како што соопштија локалните власти, досега имало двајца загинати.
Земјотресот се случил во 1 часот и 31 минута по полноќ.
Градоначалникот на Бодрум Мехмед Кочадон во изјава за Хуриет рекол дека сè уште е рано да се прават проценки на штетите.
Туристи на социјалните мрежи постираа слики од поплавени крајбрежни хотели и луѓе што се кријат под масите. Тие раскажуваат дека на плажите водата се дигнала за триесетина степени, а потоа имало и мало цунами кое предизвикало поплава во хотелите покрај плажите.
По главниот удар, кој според сведоштвата траел 30-тина секунди, забележани се уште неколку силни, но поумерени земјотреси со јачина од 5,1 и 4,6 степени.
Сеизмолозите изјавиле дека можно е да нема урнатини на брегот затоа што епицентарот бил под море и водата го амортизира главниот удар.


