ФАО: Сите ние треба да престанеме да ја земаме водата здраво за готово
Водата е од суштинско значење за животот на Земјата. Сочинува над 50% од нашите тела и покрива околу 71% од површината на Земјата. Само 2,5% од водата е свежа, погодна за пиење, земјоделство и повеќето индустриски намени. Водата е движечка сила за луѓето, економиите и природата и основата на нашата храна. Но како и сите природни ресурси, слатката вода не е бесконечна.
Светскиот ден на храната, 16 октомври, оваа година го слави еден од најскапоцените ресурси на планетата: водата.
72% од слатката вода на планетва се користат во земјоделието. Според Кју Донгју, Генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), неопходно е да се сменат начините на производство на храна.
„Свежата вода не е бесконечна и треба да престанеме да ја земаме здраво за готово“, порача Донгју.
Брзиот раст на населението, урбанизацијата, економскиот развој и климатските промени оставаат големи последици врз водните ресурси на планетата. Во исто време, ресурсите на слатката вода по лице се намалија за 20% во изминатите децении, а достапноста и квалитетот на водата брзо се влошуваат поради децениското лошо користење и управување, прекумерното екстракција на подземните води, загадувањето и климатските промени.
Денес, за 2,4 милијарди луѓе пристапот до слатка вода е ограничен. Многу од нив се мали фармери кои веќе се борат да ги задоволат своите секојдневни потреби, особено жените, домородните народи, мигрантите и бегалците. Конкуренцијата за овој бесценет ресурс се зголемува бидејќи недостигот на вода станува сè поголема причина за конфликти.
Околу 600 милиони луѓе кои зависат, барем делумно, од водните системи за храна за живот ги трпат ефектите од загадувањето, деградацијата на екосистемот, неодржливите практики и климатските промени.
Управувањето со водата и правото на користење, цените на водата, регулативите и мерките за стимулација се потребни за да се поттикнат промените и да се обезбеди правичен пристап до чисти и безбедни водни ресурси велат од Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).
Понатаму, инвестициите во иновативни, ефикасни практики за управување со водите се од витално значење, вклучително и во модерни технологии за наводнување и складирање, како и решенија засновани на научни истражувања за справување со недостигот на вода и поплавите.
За да помогне во реализацијата на овој потенцијал, ФАО развива методологија за мапирање на глобалните потреби и потенцијали за наводнување, со очекување наскоро да почне да се користи во земјите кои имаат ваква потреба.
„Дозволете ми повторно да нагласам дека сите ние треба да престанеме да ја земаме водата здраво за готово. Донесувањето информирани одлуки за производите што ги купуваме, трошењето помалку вода и спречувањето на катастрофите од поплави и загадување се лесни начини за сите да придонесат кон просперитетна иднина на луѓето и планетата“, порачуваат од ФАО.
Под мотото „Водата е живот, водата е храна. Никој да не биде изоставен“, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) денеска го одбележува 16 Октомври – Светскиот ден на храната. Со низа настани и активности во околу 150 земји и на повеќе од 50 јазици, ФАО повикува на акција и обединување на владите, општините, бизнисите, медиумите, јавноста и младите за клучните глобални предизвици и можните решенија за еден од најскапоцените ресурси на планетата: водата.