Снегот проследен со силни ветрови предизвика хаос во речиси сите земји на Балканот, од каде известуваат за колапс во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Силниот снег во регионот на Горски котар, Лика и делови од континентална Хрватска, како Загорје, Меѓумурје и Славонија, предизвика големи проблеми во сообраќајот. На Јадранот, пак, силниот ветер турка дрвја и телефонски столбови, создавајќи дополнителни тешкотии.
Поради снежната покривка, сите патни правци од внатрешноста кон Јадранот – вклучувајќи ги Далмација, Риека и Истра – се недостапни за камиони со приколки и возила без зимска опрема. Истовремено, поморскиот сообраќај е во прекин, што ги вклучува и траектните линии меѓу островите и копното.
Поради најавеното невреме, во Црна Гора е активиран црвен метеоаларм. Во Федерацијата БиХ снегот предизвикува проблеми, особено на западот и југозападот, каде што поради ниските температури се предупредува на појава на мраз на коловозите. Во Херцеговина, силните ветрови и дождот го отежнуваат сообраќајот, а слична состојба е и во другите делови на БиХ.
Од Ер Србија велат дека неповолните временски услови може да доведат до доцнење и евентуално откажување на одредени летови.
Состојбата останува критична, а властите апелираат на внимателност и користење соодветна зимска опрема.