Грчкиот град Солун и турскиот град Измир од денеска ќе се поврзат со бродска линија, преку траектот „Smyrna di Levante“, со кој управува приватната компанија „Levante Ferries“, јави дописничката на МИА од Атина.
Траектот ќе сообраќа три пати неделно од Солун, во понеделник, среда и петок, а од Измир ќе поаѓа во вторник, четврток и недела, додека пак патувањето ќе трае 14 часа. Тракетот „Smyrna di Levante“, со должина од 158 метри е со капацитет да прими 948 патници, 1.000 камиони и 300 автомобили, а за патниците располага со различни типови на кабини, како и обични седишта.
Според грчките медиуми, станува збор за проект за кој веќе 20 години се разговарало, а дури сега се реализира.