Skip to main content

Здравство

Советот на ЕУ препорачува намалување на користењето на антибиотици за 20% до 2030

Препораката е насочена кон превенција и контрола на инфекции, надзор и мониторинг, иновација и достапност на ефективни антимикробни средства, претпазлива употреба и соработка меѓу земјите-членки и на глобално ниво.
 |  инфодеск  | 
antibiotici

Министрите за здравство на земјите членки на Европската унија вчера на состанок во Луксембург усвоија препорака со која бараат да се поттикне помала потрошувачка на антимикробни лекови, меѓу другото, намалување на потрошувачката на антибиотици за 20% до 2030 година.

„Не можеме да ја игнорираме смртоносната закана што микроорганизмите отпорни на лекови ја претставуваат по здравјето на луѓето. Борбата против антимикробната отпорност беше клучен приоритет на шведското претседателство, а денешната препорака им дава на земјите на ЕУ алатки за следење и намалување на потрошувачката на антимикробни средства“, рече Јакоб Форсмед, шведски министер за социјални работи и јавно здравје.

Здравјето е ексклузивна надлежност на земјите-членки, затоа Советот на ЕУ не може да донесува обврзувачки регулативи туку препораки кои земјите-членки можат да ги спроведуваат на доброволна основа. Препораката е насочена кон превенција и контрола на инфекции, надзор и мониторинг, иновација и достапност на ефективни антимикробни средства, претпазлива употреба и соработка меѓу земјите-членки и на глобално ниво.

Антимикробните средства се лекови од критична важност. Сепак, поради нивната прекумерна употреба и злоупотреба со текот на годините, антимикробната резистенција е зголемена, што значи дека антимикробните средства ја губат својата ефикасност, што го прави сè потешко или невозможно лекувањето на инфекции.