Светската здравствена организација следниот месец ќе прогласи еден од најчестите вештачки засладувачи во светот за можен причинител на рак, објави денеска британската новинска агенција Ројтерс.
Аспартамот, кој се користи во низа производи, од диетални газирани пијалоци на Кока-Кола до гуми за џвакање, за прв пат ќе биде наведен како „можно канцероген за човек“ од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC).
IARC има за цел да процени дали нешто е потенцијална опасност или не, врз основа на сите објавени докази. Тоа тело не се занимава со тоа колку производ може безбедно да потроши едно лице пред да му наштети. Таквата препорака дава друга експертска комисија на СЗО за адитиви во храната, позната како JECFA (Joint WHO-Food and Agriculture Organization Expert Committee on Food Additives) и национални регулатори.
Слични заклучоци на IARC во минатото, за различни адитиви и супстанции предизвикаа загриженост кај потрошувачите, доведоа до тужби и извршија притисок врз производителите да ги заменат со алтернативи. Ова доведе до критики дека проценките на IARC може да ја збунат јавноста.
JECFA, Комитетот за адитиви на СЗО, исто така ја разгледува употребата на аспартам оваа година. Нејзиниот состанок започна на крајот на јуни, а неговите наоди треба да бидат објавени истиот ден кога IARC го објави својот заклучок – 14 јули. Од 1981 година, JECFA смета дека аспартамот е безбеден за консумирање во рамките на прифатените дневни граници. На пример, возрасно лице со тежина од 60 кг треба да пие помеѓу 12 и 36 лименки диетална газиран пијалок – во зависност од количината на аспартам во пијалокот – секој ден за да биде изложен на ризик. Националните регулатори, вклучително и во САД и Европа, во голема мера го делат неговото мислење.
Аспартамот е опширно проучуван со години. Минатата година, набљудувачка студија во Франција на 100.000 возрасни лица покажа дека луѓето кои консумираат поголеми количини на вештачки засладувачи, вклучително и аспартам, имаат малку поголем ризик од рак. Тоа следи по студијата на Институтот Рамацини во Италија во раните 2000-ти, која објави дека некои форми на рак кај глувци и стаорци се поврзани со аспартамот. Првата студија не можеше да докаже дека аспартамот предизвикува зголемен ризик од рак, а беа покренати прашања за методологијата на втората студија. Регулаторите го одобрија аспартамот на глобално ниво откако ги разгледаа сите достапни докази, а големите производители на храна и пијалоци ја бранеа употребата на состојката со децении.
Наведувањето на аспартамот како можен канцероген има за цел да поттикне повеќе истражувања, велат извори блиски до IARC, што ќе им помогне на агенциите, потрошувачите и производителите да дојдат до поцврсти заклучоци. Минатиот месец СЗО објави упатства кои ги советуваат потрошувачите да не користат засладувачи освен шеќер за контрола на тежината.