Истрага: СЗО финансиски поврзана со фармацевтите за свинскиот грип
Научниците кои стоеле зад препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за правењето на залихи на лекови против новиот грип биле финансиски поврзани со компаниите чија цел бил профитот, покажа истрагата, пренесува BBC.
Една година по прогласувањето на пандемија на новиот грип, залихите од вакцини стојат неискористени, а владите се обидуваат да ги раскинат договорите.
Британскиот медицински журнал (British Medical Journal, BMJ), вели дека научниците сами ги објавиле овие врски во други публикации, но дека СЗО не ги опоменала.
Овој извештај доаѓа по критиките кои отворено ги упати Советот на Европа поради недостатокот на отвореност во постапката со пандемијата на новиот грип. Портпаролот на СЗО демантираше дека фармацевтската индустрија влијаела на одлуките на оваа организација во врска со свинскиот грип.
СЗО уште во 2004. година донесе препораки во кои владите на земјите се советуваат да прават залихи на антивирусни лекови, што ги наведе земјите ширум светот да купуваат огромни количини на лекови Тамифлу и Реленза, кои ги произведуваат Рош (Roche) и Глаксосмитклајн (GlaxoSmithKline, GSK).
Бирото за истражувачко новинарство (Bureau of Investigative Journalism) откри дека тројца научници кои биле вклучени во составувањето на препораките од 2004. година, примиле пари од Рош или ГСК за предавања, консултантски услуги, како и истражувања за овие компании. Иако овие научници, претходно на други места ги објавиле овие врски и кажале дека СЗО барала податоци за судирот на интереси пред состанокот на експертите, СЗО не ги објавила овие врски.
Сеуште не се знае дали СЗО тајно ги известила земјите ширум светот за овие судири, а барањето за увид во изјавите за судири на интереси се одбиени. Исто така во тајност се држи и членството на „комитетот за вонредни ситуации“ кој ја советувал генералната директорка на СЗО, Маргарет Чен за прогласувањето на пандемија на новиот грип.
Тоа значи дека имињата на 16 членови на тој комитет се познати само на СЗО, како и дека нивните можни судири на интереси со фармацевтските компании се непознати.
На сајтот на СЗО стои: „Можните судири на интереси се својствени за сите регулаторни врски и агенции за здравствен развој, како што се СЗО и индустриите чија цел е профит. Сличните околности важат и кога експертите кои го советуваат СЗО имаат професионални врски со фармацевтските компании.“
{loadposition content9}