Нападот бил изведен во комплексот хотели Империјал Мархаба, се слушало пукање и една посилна детонација, а во целиот комплекс и понатаму владее паника. Еден од напаѓачите е убиен во престрелка со полицијата, а другиот е уапсен.
Спрема последните информации, нападот го извеле две помлади лица од две страни – еден отворил оган во преполната плажа од хотелот, додека другиот влегол во комплексот низ друга зграда и таму почнал да пука на туристите. Во нападот се убиени 27 туристи и повеќемина се ранети.
Полицијата го усмртила напаѓачот кој бил вооружен со калашников, облечен во црна маичка и црни кратки пантолони, а по потерата и размената на оган, вториот е фатен жив на влезот на автопатот.
“Терористите се инфилтрирале низ задниот влез пред да отворат оган на туристите во хотелот, а меѓу нив најмногу биле странски туристи”, рекол еден од официјалните лица на полицијата.
Градот Сус е популарна туристичка дестинација и западните медиуми јавуваат дека таму најмногу туристи има од Велика Британија.
Бројните туристи се забарикадирани во своите соби, полицијата го блокира целиот комплекс, а специјалните единици ја пребаруваат целата област.
Како што навел еден од туристите пукањето траело 20-тина минути, а одговорноста за нападот сеуште никој не ја превзел.