Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, преку каналот Телеграм изјави дека воздушната одбрана спречила напад на 19 беспилотни летала што летале во правец на Москва, а биле пресретнати и други 105 дронови на територијата на Русија. „Би-би-си“ јави дека ова е втора ноќ по ред како руската престолнина е изложена на ваков напад.
Руската агенција за цивилно воздухопловство „Росавијација“ воведе привремена суспензија на летовите на аеродромот Домодедово, еден од најголемите во Московскиот регион, околу 02:38 часот по локално време, за да се гарантира безбедноста на воздушниот сообраќај.
Инаку, во Москва треба да се одржат церемониите на 9 мај по повод Денот на победата над нацистичка Германија во 1945 година и крајот на Втората светска војна на Стариот континент. На парадата треба да присуствуваат странски лидери, кинескиот претседател Си Џинпинг, бразилскиот претседател Луис Ињасио Лула да Силва и други. Рускиот претседател Владимир Путин објави дека ќе спроведе тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај, додавајќи дека ова ќе биде тест за тоа дали Украина е расположена за мир.