Skip to main content

3D реплики на украдени и исчезнати артефакти

УНЕСКО ќе создава виртуелен музеј на украдени артефакти

Во соработка со меѓународната полициска организација Интерпол, чија база на податоци за културни предмети украдени од музеи, колекции и археолошки локалитети ширум светот содржи повеќе од 52.000 артефакти, виртуелниот музеј вреден 2,5 милиони евра треба да биде отворен во 2025 година.
 |  инфодеск  | 
Музеј на укрдаени артефакти

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) го најави првиот виртуелен музеј на украдени културни артефакти. Целта на проектот е да се подигне јавната свест за трговијата со уметност и уникатната важност на културното наследство.

„Зад секое украдено дело или фрагмент се крие дел од историјата, идентитетот и човештвото што е украдено од неговите чувари, недостапно за истражување и сега ризикува да падне во заборав“, рече генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, пренесе Гардијан.

Во соработка со меѓународната полициска организација Интерпол, чија база на податоци за културни предмети украдени од музеи, колекции и археолошки локалитети ширум светот содржи повеќе од 52.000 артефакти, виртуелниот музеј вреден 2,5 милиони евра треба да биде отворен во 2025 година.

Посетителите ќе можат да се движат низ серија виртуелни простори кои содржат детални 3D слики од артефактите, при што секој материјал ќе го објаснува нивното уникатно културно значење, вклучувајќи приказни и сведоштва од локалните заедници.

Според Коалицијата за антиквитети, невладина организација со седиште во САД, најзначајните украдени артефакти ширум светот вклучуваат алабастерски натпис од третиот век земен од Храмот Авам во Јемен помеѓу 2009 и 2011 година, релјеф од слонова коска од седмиот век п.н.е. на лав кој напаѓа Нубиец, украден од музејот во Багдад во 2003 година, маска украдена од локација на Маите во Рио Азул, Гватемала, во 1970-тите, и фигурина Вараха од петти од шестиот век земен од храмски комплекс во Раџастан, Индија, во 1988 година.

„Тоа се предмети кои постојат физички, но не знаеме каде се. Ќе ги изложиме виртуелно, во простор каде што навистина ќе можеме да ја раскажеме приказната и контекстот зад нив“ – изјави за Гардијан, Ернесто Отон, помошник-генерален директор за култура на УНЕСКО.

Отон рече дека дизајнирањето и изградбата на виртуелниот музеј е сложена работа, но дека најтежок дел е создавањето 3Д слики од артефактите, бидејќи за повеќето од нив нема физички запис освен мала црно-бела фотографија.