Близу 41.000 бирачко место ширум земјата се отворени од 07.00 до 22.00 часот по локални времиња, а право на глас на “референдумот за иднината на Обединетото Кралство во Европската унија” имаат околу 45 милиони жители.
Околу три милиони жители на Британија, или 5% од населението се родени во други земји на ЕУ.
Државјаните на Ирска, Малта и Кипар со место на живеење во Британија имаат право на глас на референдумот, а државјаните на останатите земји од ЕУ немаат. Ирска и Британија имаат договор стар повеќе од 30 години со кои на државјаните од едната со место на живеење во другата држава им овозможува да партиципираат на избори. Кипраните и Малтежаните тоа право го имаат како државјани на комонвелтот.
Премиерот Дејвид Камерун рекол дека резултатите ќе бидат обврзувачки и дека нема да има друг референдум. Некои други политичари, меѓутоа, појасниле дека можат да бараат уште еден плебисцит по неколку години ако резултатите бидат тесни.
Се очекува излезност помеѓу 60 и 80%, што значи дека на референдумот ќе излезат помеѓу 27 и 36 милиони луѓе.
Референдумското прашање гласи: “Дали Обединетото Кралство треба да остане членка на Европската унија или да ја напушти Европската унија?”.
Британците последниот референдум за односите со ЕУ го имаа во 1975 година кога 67% од бирачите одлучија дека сакаат да останат во тогашниот заеднички пазар.
Броењето на гласвите започнува веднаш по затворањето на гласачките места, а првите резултати се очекуваат околу полноќ. Резултатите ќе се собираат во 12 регионални изборни комисии и ќе ги проследуваат во централата во Манчестер. Објавата на официјалните резултати ќе биде во тамошното градско собрание, веројатно во петок наутро.