Skip to main content

Невреме со обилни дождови

Во Јапонија 200 000 луѓе повикани на евакуација

Две лица се водат како исчезнати, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно, а властите предупредија на зголемен ризик од лизгање на земјиштето и поплави.
 |  инфодеск  | 
Невреме во Јапонија

Во обилните дождови во северна Јапонија има урнато мостови и излеани реки, а 200 000 жители беа повикани да ги напуштат погодените области.

Две лица се водат како исчезнати, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно, а властите предупредија на зголемен ризик од лизгање на земјиштето и поплави.

На телевизиските снимки се гледаат паднати дрвја во калта во близина на планинската станбена зона, како и поплавени куќи и целосно урнат мост.

Јавниот сервис НХК објави дека се издадени необврзувачки известувања за евакуација за 200 000 жители во петте префектури во земјата – Нигата, Јамагата, Фукушима, Ишикава и Фукуи.

Сообраќањето на некои брзи возови (шинкасен) е прекинато во погодените области.

Во 2021 година, обилните дождови предизвикаа огромно лизгање на земјиштето во Атами, централна Јапонија, при што загинаа 27 луѓе.

Во 2018 година, од лизгање на земјиштето и поројните поплави загинаа повеќе од 200 луѓе во западна Јапонија за време на годишната сезона на дождови.

Според научниците, затоплувањето ги зголемува ризиците од интензивни дождови во Јапонија, како и на други места во светот.