Skip to main content

OceanGate Expedition Titanom

Во подморницата Титан има кислород до четврток наутро

Канадски авион синоќа во потрагата по подморницата открил подводни звуци, објави американската крајбрежна стража.
 |  инфодеск  | 
titan

Спасувачките тимови се во трка со времето во потрагата по туристичката подморница со пет лица која исчезна за време на нуркање до потонатиот брод Титаник.

Канадски авион синоќа во потрагата открил подводни звуци, објави американската крајбрежна стража. Откритието ги принуди тимовите за пребарување да ги преместат своите подводни роботски операции „во обид да го утврдат изворот на звукот“, објави крајбрежната стража денеска.

Екипажот на подморницата Титан изгуби контакт со површинскиот брод – „Поларниот принц“ – час и 45 минути откако почна да нурка кон Титаник во неделата.

Подморницата управувана од американската компанија OceanGate Expedition, е дизајнирана да остане под вода до 96 часа, според што петте членови на екипажот треба да имаат воздух до четврток наутро. Потонатиот брод Титаник се наоѓа на околу 700 километри јужно од Сент Џонс, Њуфаундленд. Американските и канадските агенции, морнарицата и комерцијалните компании за истражување на длабочините на морето помагаат во спасувачката операција, користејќи воени авиони, подморница и сонарни пловци. Спасувачите треба да прочешлаат и длабочини кои можат да достигнат речиси четири километри, а бараат и подморница долга 6,7 метри. Радио и GPS сигналите не можат да патуваат низ вода.

OceanGate Expedition Titanom нуди посета на познатиот потонат брод за 250.000 долари по седиште, според официјалната веб-страница. Еден од патниците на исчезнатата подморница е британскиот бизнисмен Хамиш Хардинг, чија авиокомпанија објави информации за неговата експедиција на социјалните мрежи. Хардинг, 58-годишен авијатичар и вселенски турист кој раководи со Action Aviation, објави на својот Инстаграм во неделата дека е горд што се приклучил на мисијата OceanGate. Во подморницата се и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот син Сулејман. Давуд е заменик-претседател на пакистанскиот конгломерат Engro, компанија со седиште во Карачи со портфолија во енергетиката, земјоделството, петрохемијата и телекомуникациите. Меѓу патниците веројатно е и францускиот океанограф Пол-Хенри Наргеолет.