Јапонската Toyota и понатаму е највреден светски бренд во автомобилската индустрија, додека германскиот Volkswagen испадна од листата на 10 водечки компании по скандалот со тестовите за емисија на гасови.
Ова го покажува годишниот извештај на компанијата Millward Brown која врз основа на интервјуа со потрошувачите за перцепција на брендовите и анализа на финаниските и бизнис показатели оваа листа ја составува веќе 11 години.
Спрема ова истражување, вредноста на брендот Toyota се зголемила за 2%, на 29,5 милијарди долари, додека вредноста на VW брендот паднала на 9,3 милијарди долари.
VW изгубил повеќе од половина од својата вредност во минатата година бидејќи компанијата силно беше разнишана по скандалот со вградување на софтверот за измама на еколошките тестови.
Имено, на новата листа поредокот на првите седум не се менуваше па така зад Toyota следуваат BMW, Mercedes-Benz, Honda, Ford, Nissan и Audi. По испаѓањето на VW од првите десет автомобилски брендови, на осмото место дојде Land Rover, а следуваат Porsche и Tesla.
Вкупната вредност на водечките 10 брендови паднала за 3% во однос на минатата година, на околу 140 милијарди долари.
Инаку, Toyota на листата највредни светски брендови е на 28 место. Водечки е Google со вредност од 229 милијарди долари, што е за 32% повеќе од минатата година, а следува Apple со вредност од 228,5 милијарди долари.